Успешната контраофанзива на Украина во североисточниот и јужниот дел на земјата, при што според претседателот Володомир Зеленски Украина вратила под своја контрола околу 6.000 квадратни километри окупирани од руската војска во текот на неколку месеци, била планирана и разработена од украинските офицери  во соработка со американски и британски специјалисти и официјални службеници, објави Њујорк тајмс.

Весникот повикувајќи се на неименувани американски извори наведува дека летово имало воени вежби помеѓу украински и американски војници и како резултат на тие симулации било одлучено дека претходно планираната контраофанзива на југ би била осудена на неуспех.

Според изјавите на советник на министерот за одбрана на САД, Колин Кал, тие симулации придонеле во идентификација на поефективни варијанти на контранапад, презентирани на раководството и високата команда на Украина.

Според Кал, украинското раководство по кратко време го разработил конечниот план на операцијата. Офанзива во две насоки – северна и јужна.

Во текот на август, Украина од САД добила детални разузнавачки информации за најранливите локации на руската одбрана при што се утврдило дека во случај на украинска офанзива, руската армија нема да има време за репозиционирање на војската.

За таа цел САД ги зголемиле испораките на оружје за Киев. Њујорк тајмс истакнува дека со речиси неделните известувања за доделување американска воена помош за Украина, украинската команда била уверена во исправноста и изводливоста на планот за истовремена офанзива на двата фронта.

Иако украинската армија има можност да врати под своја контрола големи територии во источниот дел на земјата, според украински и американски официјални лица југот засега претставува најважен полигон за воените дејства.