Град Скопје и фирмата Флај кем на 4-ти овој месец склучиле договор за набљудување со дрон на шумите за рана детекција на растителни болести, објави порталот МКД.
Сопственик и управител на оваа фирма е невенчаниот сопруг на министерката за образование Мила Царовска, а како што објави порталот, вредноста на договорот за една година е еден милион денари.
Во договорот била утврдена поединечната цена за снимање на шумите на Скопје за еден квадратен километар (82.600 денари), но во договорот го нема податокот за вкупните шумски површини.
И порано фирмата Флај кем снимала за потребите на државни институции. Во април 2018 година оваа фирма имала договор со АД МЕПСО за обезбедување на „специјални летечки уреди (дронови) за извршување вонреден преглед на ДВ“ во вредност од 779.980 денари.
Истата фирма изминатите години работела и за Општина Куманово и имала уште еден договор за Град Скопје, а во 2019 година имала договор за снимање со дрон за потребите на кумановската градинка „Ангел Шајче“, објави МКД.
Порталот поставил прашања дали има конфликт на интереси, бидејќи и минстерката и градоначалникот се и функционери на СДСМ, и објави дека очекува одговори од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов и министерката Царовска.