Фирмата на братот на бившиот пратеник Крсто Мукоски пак ќе ги одржува државните станови со кои стопанисува Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.
Како што објави порталот ММС, тендерот вреден 591.000 евра повторно го добила фирмата „Атриум ДООЕЛ“ од Вевчани, која овој пат настапува здружена со ГПТД „Универзал Балкан“ од Скопје.
Станува збор за повеќе договори за различни услуги кои се склучени на крајот на минатиов месец, а сега се објавени на Бирото за јавни набаваки. Фирмата на братот на Мукоски има обврска да ги одржува државните станови една година.
Голема врева во јавноста, пишува ММС, крена тендерот кој го доби фирмата на братот на Мукоски во декември 2018 година од Државното станбено претпријатие тежок речиси 600.000 евра. Бидејќи токму за претходните тендери од претходното раководство на Државното станбено претпријатие со „Атриум“ тогашниот Генерален секретар на Владата Драги Рашкоски побара истрага.
Според дописот кој тој го испрати тогаш до МВР „постоеле индиции дека се користени дампинг цени за услуги за кои реално немало потреба, а за другите услуги цени кои повеќекратно се разликуваат од пазарните“.
Бившиот пратеник Мукоски во јавноста е познат како „пратеникот што ги отвори вратите во Собранието“ по немирире поради кои македонски патриоти денес лежат во затворите, како и „пратеникот кој потоа (со уште 7 други негови колеги) гласаше за смена на уставното име на Република Македонија“ за да се реализира идејата на тогашниот премиер Зоран Заев.