Владата планира да го менува моделот на евтината дневна тарифа на електричната енергија.

Како што објави скопски Курир, се разгледувала опцијата – да се укине евтината тарифа од 14 до 16 часот, и да се доделуваат субвенции за домаќинствата кои имаат проблеми со плаќањето на сметките. Ова го изјави министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата Економски магазин која ќе се емитува вечерва во 22 часот на Алсат. Одлуката ќе биде донесена најдоцна до 31 декември. Засега со сигурност останува евтината тарифа на струјата во ноќните часови, од 22 до 7 часот наутро, и 24 часа евтина струја за домаќинствата во недела.

– Разгледуваме две опции, да остане евтината тарифа во текот на денот од 2 до 4 часот или да ја зголемиме помошта за граѓаните кои имаат најмногу потреба и да го смениме моделот, значи, со директен систем на ваучер, средствата да ги трансферираме за потребите на домаќинствата кои ги имаат за да плаќаат сметките кои им доаѓаат за електрична енергија, рече Крешник Бектеши министер за економија.

Граѓаните се противат на можноста за укинување на евтината струја. Оние кои Алсат ги анкетираше велат дека редовно ја користат оваа поволност и токму во тие два часа ги завршуваат домаќинските работи.

– Јас секојдневно ја користам, од два до четири, исто така и по десет часот. Перам пеглам готвам, мислам дека многу ќе биде трошокот бидејќи јас постојано ја користам евтината струја…- вели еден од повеќето анкетрани.

Бектеши ја потврди и информацијата која Алсат ја објави пред две недели дека цената на струјата ќе се зголеми до десет насто. Министерот најави дека псокапувањето ќе биде по Нова година.

Ако се укине евтината тарифа на струјата, придобивка од владеењето на Зоран Заев ќе остане само укинатата радиодифузна такса.