Најмалку 14 лица се повредени кога маж ги нападнал во автобус во германскиот град Либек, од кои две лица се со посериозни повреди.

Полицискиот портпарол соопшти дека напаѓачот е приведен, а властите се уште го истражуваат мотивот за нападот.

На местото на настанот има голем број полициски и возила за брза помош.

Сведоци го опишуваат ужасниот напад како многу крвав и во кој две лица се сериозно повредени.

Патниците со врисоци бегале од напаѓачот кого го опишуваат како маж од триесеттина години.

Еден од сведоците вели дека возачот на автобусот бил нападнат, но успеал да ги отвори вратите на автобусот за да ги спаси патниците, пишуваат медиумите за настанот.

Друг сведок вели дека една жртва, додека го нудела седиштето на постара дама, напаѓачот го прободел во градите и имало крв на сите страни.

Локалните медиуми известуваат дека напаѓачот го фрлил ранецот од себе пред да почне да напаѓа.

Откако прво беше објавено дека се повредени 14 лица, германската полиција објави на Твитер дека никој не бил убиен во нападот во автобусот во северниот германски град Либек и дека сторителот е приведен.

– Имаше инцидент во градски автобус во Либек, соопшти полицијата во државата Шлезвиг-Холштајн, каде се наоѓа тој град.

– Повредени се осум луѓе, од кои тројца се со сериозни рани, изјави портпаролка на полицијата за ДПА.

Претходно германски медиуми јавија за 14 повредени.

Германскиот локален весник Либекер Нахрихтен пренесе изјава од јавниот обвинител Ула Хингст која вели дека „ништо не е исклучено, вклучително и дека тоа е терористички напад“.