Возило на Министерството за земјоделство било злоупотребено и уништено во текот на минатиот месец, поради што ВМРО-ДПМНЕ побара детали од ресорниот министер Љупчо Николовски.
– Продолжува низата од скандали на злоупотреба на службени возила од страна на оваа криминална власт. После скандалот со злоупотребата на службеното возило на МВР од страна на ќерката на директорот на БЈБ, Лазе Велковски за патување на одмор во Грција, и после користењето за приватни цели во Охрид на службеното возило од страна на шефот на единицата Алфи, Примислав Димовски, вчера македонската јавност беше сведок и на уште една злоупотреба на службени возила. Се работи за возило на министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство кое минатиот месец, поточно на 9 јули 2018 управувано од лицето Н.Б. од Виница направило сообраќајна незгода и целосно го уништил возилото, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Поради тоа опозициската партија бара министерот Николовски да и одговори на јавноста на неколку прашања:
– Дали лицето Н.Б. имало патен налог и дали истото смеело да управува со службено возило од министерството? Како се случило лице со договор на дело да има службено возило кое го уништил? Кој дозволил ова лице да управува службено возило? Со каква цел и каде било испратено ова лице и дали сообраќајната незгода се случила надвор од работно време? Дали и кој ќе ја покрие штетата направена од оваа сообраќајна незгода, штета која што може да се забележи од фотографиите е голема, бидејќи возилото е целосно уништено? Зошто министерството и МВР молчеле цел еден месец, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Натаму се додава дека „збеснатоста на владата ја плаќаат граѓаните“.
– Министерот Николовски веднаш да понесе одговорност за овој случај. Ова криминално лудило на оваа власт мора да престане. Овој скандал како и сите претходни за злоуптреба на службени возила на штета на граѓаните не смеат да помина неказнето. Сите прекршувања на законот, сите злоуптреби на власта ќе одговараат и понесат одговорност, се вели во соопштението.