Цените на природниот гас денеска пораснаа откако руската државна компанија Гаспром објави дека повеќе нема да го испраќа тоа гориво во Европа преку гасоводот во Полска поради санкциите наметнати од Москва кон европските енергетски компании.
Овонеделните енергетски тензии меѓу Русија и Западот дополнително ги раздвижија нестабилните енергетски пазари, а цената на природниот гас денеска достигна 104 евра за мегават-час, додека пред неколку дена беше 94 евра
Гаспром вчера објави дека ќе го забрани користењето на гасоводот Јамал, преку кој гасот стигнува до Германија преку Полска. Гаспром претходно ја прекина испораката на гас за Полска и Бугарија бидејќи тие го одбија барањето на Москва да го платат горивото во рубљи.
Се стравува дека споровите за гас и прекините во снабдувањето ќе продолжат да ескалираат поради војната во Украина.
Во вторникот, украинскиот оператор го затвори гасоводот што носи гас од Русија во Европа, наведувајќи дека руските сили ја попречуваат работата на компресорската станица на делот од украинската територија контролирана од Москва и го пренасочуваат гасот.
Енергетските тензии дополнително се зголемија во средата кога Русија воведе санкции за германската филијала на Гаспром, над која владата во Берлин ја презеде контролата во април. Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек изјави дека загубата на рускиот гас може да се компензира од други извори.
Сите овие потези негативно се одразија на енергетските пазари.
Европските услужни компании и влади постигнаа доволно напредок за да ги покријат потребите за гас во текот на годината без руски испораки, но ќе се соочат со тешкотии во текот на зимата. Високите цени на природниот гас ги зголемија сметките за греење и струја.
Владите во Европа се обидуваат да се ослободат од зависноста од руски енергенти, а Европската комисија предложи мерки за намалување на нивниот увоз за две третини до крајот на годината. Засега не е познато дали тоа е можно.
Пред рускиот напад на Украина на 24 февруари, Европа добиваше 40 отсто природен гас и 25 отсто нафта од Русија.