Нов Зеланд излезе со нови предлози за забрана за пушење, што ќе ја опфати следната генерација и ќе се приближи кон целта – држава без цигари од 2025 година, пишува „Гардијан“.

Плановите вклучуваат постепено зголемување на законската возраст за пушење, продолжување на забраната за продажба на цигари и производи од тутун на сите родени по 2004 година, што значи дека пушењето всушност станува нелегално за оваа генерација.

Исто така, се дискутира и за значително намалување на нивото на никотин во дозволените производи од тутун, забрана за филтри, воведување минимална цена за цигарите и ограничување на местата каде што може да се продаваат цигари и производи од тутун.

– Потребен ни е нов пристап, рече д-р Аиша Верал од новозеланската Влада. Според неа, околу 4.500 Новозеланѓани умираат годишно од цигари.

Предлозите се поздравени од голем број здравствени организации.

Но, истовремено, плановите беа критикувани за потенцијално несакани последици, вклучително и ризик од банкрот за сопствениците на мали продавници и веројатност за проширување на црниот пазар за тутунски производи. Владата ги препознава овие ризици во предлог-документот.

Десничарската политичка партија АКТ предупреди дека намалувањето на содржината на никотин во цигарите може да ги натера пушачите да купуваат и пушат повеќе.

Плановите покренаа и прашања во врска со степенот до кој Владата треба да се меша во животот на луѓето.

Цигарите се причина за еден од четири смртни случаи од рак во Нов Зеланд.