Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, на неговиот официјален Твитер профил пишува за поткопување на честа, репутацијата и достоинството со лаги и клевети и објаснува дека „оставката е чин на одговорност“.
-Со лаги, клевети ја поткопуваат мојата чест, репутацијата и достоинството. Изнудувачи, корумпирани, „пиштоли на системот“ го поткопуваат достоинството и честа на оние кои се противат. Така, удираат по функционирањето на демократијата. Оставката е чин на одговорност, напиша Никос Коѕијас на неговиот официјален Твитер профил, без да прецизира на што и на кој се однесува оваа негова порака.
Како што јави МИА од Атина, за твитот на поранешниот шеф на грчката дипломатија, реагираа од опозициската Нова демократија, прашуваат кои се „уценувачите и корумпираните“ и уште еднаш, индиректно, бараат да се објави оставката на Коѕијас.
-Зошто беше отстранет господинот Коѕијас и на кого мисли поранешниот министер кога вели „изнудувачи и корумпирани“ кои “удираат по демократијата“? Сѐ додека не се објавува писмото со оставката на Коѕијас, се потврдува дека Ципрас, Коѕијас и Каменос, меѓусебно се уценуваат за да не се открие вистината, соопштуваат од Нова демократија.
Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас кој е и лидер на движењето на идеи и активности „Прато“, вечерва ќе одржи говор во Ираклио, на грчкиот остров Крит. Настанот е организиран од неговото движење, а ќе говори на тема „Грција во свет кој се менува“.