Оваа година ќе биде запамтена по еден куп маестрални изјави од претставниците на власта, па така во потесна конкуренција влегува и изјавата на Талат дека пратениците по завршувањето на мандатот не требало да бркаат по контејнери.

Оваа негова изјава не можам да ја сфатам никако поинаку освен како потсвесна реакција на нивното политичко делување изминатиот период, а кое реално е за во отпад. Изгледа човекот заборавил дека е претседател на претставнички  орган на граѓаните и носител на законодавната власт, а не директор на Агенција за вработување па да се обидува да им најде работа на пратениците по истекот на мадатот во согласност со нивните квалификации и афинитети. Во право е, не треба да бркаат по контејнери, но наместо работа во државна администрација јас би предложила да им обезбедиме една тезга на Кванташки затоа што најмногу ги бива за пазар. Така фино се пазарат и се ценкаат за гласање што навистина ќе биде штета таквите капацитети да не се искористат и после истекот на мандатот.

Навистина, можеби треба малку повеќе внимание да се посвети на оваа проблематика, односно да видиме како покрај привилегиите кои ги уживаат како пратеници можеме да им го направиме животот уште поудобен. Очигледно удобствата кои ги нуди функцијата, исплатените патни трошоци како да патувале до месечината и назад не се доволни, па ќе треба да се потрудиме малку повеќе да се погрижиме за нив, сепак тие се избрани од нас за да не претставуваат во тој парламент и индиректно ако им е нив убаво и ние ќе ги чувствуваме бенефитите од нивното делување.

Реално, не е мала работа на мускули да истуркаш промена на уставно име и покрај јасно изразена волја на граѓаните на референдум, па не само што треба државна работа за ова да добијат туку ако може најдобро веднаш по истекот на мандатот да се пензионираат и да се одликуваат со Орден на Република Македонија за посебени заслуги во разнебитувањето на македонскиот идентитет.

Дечки како да ви кажам ама вака не ја бива. Не бива функцијата која ви е доделена да ја гледате само како извор на привилегии, елитизам и како за себе да приграбите што е можно повеќе бенефиции додека граѓаните секојдневно водат битка како да го истуркаат месецот. Напротив, истата треба да ја искористите за да им овозможите на овие што ве гласале бар за трошка подобар и подостоинствен живот за да имате лице пак да им ја побарате довербата на следните избори.

 

Мартина Антиќ