Пред нешто повеќе од три месеци, со насмевки од уво до уво, во наменски снимени идилични филмчиња, насилно инсталираната власт и нивните безалтернативни ментори од ЕУ, под мотото “Замисли иднина заедно“, ја започнаа најголемата измама на македонскиот народ. Измамата на столетието.
Имено, само и само заради туѓиот интерес, територијата на Република Македонија под кое било име и со какво било внатрешно уредување да стане дел од големиот светски полигон на воената НАТО организација, започнаа предреферендумска кампања, на која лажното прашање на референдумот за наводен влез во ЕУ, го покриваа со лажна пропаганда. Па, се сеќаваме, во “замислената иднина со ЕУ“ ни ветуваа се и сешто, од бесплатно лекување во цела Европа, преку 25.000 евра годишно за секое земјоделско семејство, до изградба на нови патишта, мостови, фабрики и, се она што знаеја дека секој сака да го чуе, да го види, а еден ден и да го доживее. Па,ни снимаа идилични филмчиња со насмеани земјоделци испоседнати на нови трактори, весели дечиња седнати пред нови компјутери, ни цртаа километри и километри нови автопатишта убаво осветлени и со зеленило наоколу. Толку силно удрија на нашите сетила и во нашата потсвест која најнормално и најчовечки тежнее кон убавина, среќа, богатство и живот во идилични услови. Најбезобразно си поиграа со нашите желби и соништа. Па, алпските цветни куќички ни ги сместија во иселеното Овчеполие, рурските и сарските индустриски капацитети во опустеното Мариово, германските автопатишта во македонското беспаќе. И сето тоа во “замислената иднина со ЕУ“.
Па, министрите од оваа незаконски и насилно инсталирана Влада, ни ги прераскажуваа филмовите, ни раскажуваа дека сето тоа што го гледаме, тукушто и не сме го доживеале. Не убедуваа дека наше е само да се самоукинеме, да се самоизбришеме од постоењето, па ЕУ, заедно со новите трактори, фабрики, автопатишта, клиники од филмовите, ќе влезе преку некој од граничните премини. Остана само подоцна да не известат на кој премин и кога точно треба да ја пречекаме онаа ЕУ од пропагандните филмчиња. Да ја дочекаме и да живееме среќно до крајот на животот. Како во бајките на браќата Грим. Или можеби во светот на баронот Минхаузен.
За жал, не помина ниту еден месец од проектирањето на лажните филмчиња, а земјоделците наместо новите трактори и 25.000 евра годишно од ЕУ, ги исфрлија своите производи по нивите, ја пролеаја својата пот по улиците, ја заѕидаа својата мака во “заедничката иднина со ЕУ“. Болните и оние на кои им е потребно лекување, наместо да го добијат бесплатно по европските клиники, останаа и без тоа малку лекови што до пред една година бесплатно ги добиваа, а здравствените објекти во државава од ден во ден пропаѓаат и се руинираат. Пензионерите, пак, кои во филмчињата за “замислена иднина со ЕУ“ ги видоа сите европски монденски бањи, останаа без можноста и годинава бесплатно да си ги лечат уморените коски макар во Катланово, Негорци или Банско. Од ден во ден се уриваше кулата од карти наречена “Замисли иднина со ЕУ“. Од ден во ден се откриваа лажните ветувања, лажните надежи, лажните сликички од пропагандните филмови. Од ден во ден, житејската вистина ги разголуваше лагите и измамите сервирани на народот.
И конечно,пред неколку дена стаса суровата реалност во целата своја разголеност. ЕУ воведува нови царини за македонскиот челик и алуминиум, со што Република Македонија би трпела годишна штета од повеќе од 100 милиони евра. Така, нашите безалтернативни пријатели од ЕУ, оние кои за да се самоукинеме ни ветуваа се и сешто, денес, го покажаа своето вистинско лице, а со единствена цел да се заштитат само себе си и сопствените интереси. Ја покажаа својата сурово реална политика во која нема место за сожалување, за чувства и пријателство. Нема место за пенкала што се бакнуваат и вратоврски што се подаруваат. Има место само за лични интереси.
А,простата математика вели дека, еве, доколку останеме и само уште десеттина години пред портите на ЕУ, Република Македонија ќе претрпи штета поголема од една милијарда евра. Штета од “замислената иднина со ЕУ“. Штета,која и ако е од најголеми “пријатели“, многу е!
Па, редно е сега оние кои предреферендумски не убедуваа за убавините кои не чекаат доколку на референдумот гласаме за самоукинување, министрите од насилно инсталираната влада, да си ги растегнат устите од уво до уво и, вештачки кисело насмеани, да излезат и да им објаснат на своите граѓани кој ќе ја плати штетата што ќе ја трпиме сите. И Македонци и Албанци и Турци и Срби… сите граѓани на оваа држава. Ќе ја платат ли криминалците од типот на Жбогар и Хан, корумпираните маргинални бирократи од типот на Могерини и Туск, поднапиените шарлатани од типот на Јункер? Редно е да им објаснат на своите граѓани зошто коридорот 10 се измести стотина километри источно, па гасоводот и брзата пруга ќе ја заобиколат Република Македонија и ќе се движат од Солун,преку Кулата и Софија, до Букурешт, Белград, Будимпешта и Виена. Да им објаснат зошто наместо проектираната добивка од околу 500 милиони евра годишно од транзитот на гас и транспортот на стоки, Република Македонија се сведе на штета од повеќе од 100 милиони евра годишно. Зошто од колосекот на надежта, државава ја префрлија на колосекот на безнадежноста? Зошто наместо за своите национални, се борат за заштита на туѓи национални интереси? Зошто наместо просперитет, гордост и достоинство им донесоа беда, понижување и самоукинување?
Одговорот на овие прашања го знаат и врапчињата на гранките, но македонскиот народ денес чека одговор, а веќе утре ќе бара и одговорност, токму од оние кои ова го сторија, кои газејќи врз се македонско, одработуваат туѓи агенди и геостратегиски доктрини. Оние кои, заради приказната од почетокот на текстов, територијата на обезимената држава Република Македонија и избришан македонски народ, да ја внесат во НАТО, беа насилно, противуставно и незаконски инсталирани на власт.
А, ниту од одговорот, ниту од одговорноста никој не избегал. Па нема ниту тие.
Страшо Ангеловски (авторот е претседател на МААК)