Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, против кого беа водени неколку дела, повторно ќе одговара пред суд за поткуп.

Судот во јужниот град Бари го закажа првото рочиште за 4 февруари 2019 година.

Процесот е поврзан со настаните од 2008-2009 година, кога младиот и амбициозен претприемач од Бари,  Џанпаоло Тарантини организирал забави со придружнички во домовите на Берлускони во Рим и на Сардинија.

Обвинет за учество во проституција, Тарантини беше осуден на осум години затвор во прв степен, но поднесе жалба, а жалбената постапка се уште не е завршена.

Во меѓувреме, 82-годишниот Берлускони е обвинет за плаќање на бизнисменот „стотици илјади евра, обезбедувајќи му правна помош и работа“, со цел да не објави пикантерии и други детали од тие забави.

Поранешниот премиер веќе има судски истраги за поткуп на сведоци во Милано, Сиена, Рим и Торино. Тој е обвинет дека плаќал милиони евра за да ги замолчи учесниците во неговите забави.

Како и во останатите дела, тој не го негираше плаќањето на Тарантини, туку само појасни дека „помогнал на еден човек и на семејство со деца кои имале и се уште имат сериозни финансиски проблеми“.

– Убедени сме дека по почнувањето на процесот Берлускони брзо ќе биде ослободен, изјави неговиот долгогодишен адвокат Николо Гедини за италијанскиот весник „Република“