САД ќе достават нова воена помош во вредност од 675 милиони долари за Украина, соопшти денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на отворањето на состанокот на сојузниците во американската воена база Рамштајн во Германија.
– Денес го констатираме очигледниот успех на нашите заеднички напори на бојното поле, рече Остин на отворањето на состанокот на сојузниците на Украина, чија цел е да се договори воена помош за Киев.
Тој рече дека американскиот претседател Џо Бајден вчера ја одобрил најновата транша од американската помош. Тој рече дека пакетот вклучува хаубици, артилериска муниција, Хамви, противтенковски системи и други алатки и опрема.
Сојузниците на Киев денеска се состануваат во Германија за да продолжат да ја координираат воената помош за земјата, која од минатата недела спроведува контраофанзива на југот на земјата за протерување на руските сили.
Петтиот состанок на Контакт групата за украинска одбрана, кој се одржува на покана на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во американската база Рамштајн во западна Германија, треба да го покаже „единството и солидарноста“ на сојузниците на Украина, изјави началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили пред средбата.