Силна препорака туристите да се тестираат на вториот и четвртиот ден по пристигнувањето, задолжителна маска и на отворено и на затворено, задолжителна двојна маска или КН95 во супермаркетите и јавниот превоз, откажување на сите јавни собири за празниците, силна препорака за тестирање пред празничните собири, се новите мерки на грчката Влада што од утре стапуваат во сила во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, соопштувајќи ги одлуките на Владата рече дека мерките се во две фази, првата е од утре, а втората од 3 јануари 2022 години, но за кои дополнително ќе одржи состанок надлежната комисија на епидемиолози.

Во втората фаза, по Нова година, мерките ќе се однесуваат на ноќниот живот, во однос на работното време на клубовите и баровите, на работа од дома, на спортските натпревари и евентуалното одржување без публика.

Мерките што од утре наутро стапуваат во сила и ќе важат до 3 јануари во шест часот наутро, се однесуваат на задолжителната маска, откажувањето на сите јавни божиќни и новогодишни манифестации, но и на силната порака за тестирање.

-Посетителите што доаѓаат во Грција, освен задолжителниот ПЦР од 72 часа или рапид тест од 24 часа, бидејќи имаме индикации дека кај многумина болеста се појавува по направениот ПЦР или рапид, ќе бидат обврзани со силна препорака да го повторат тестирањето на вториот и на четвртиот ден по нивниот влез во земјата, за да можеме да следиме дали се заболени, рече Плеврис, додека пак на новинарско прашање објасни дека за туристите, постои силна препорака за тестирање со фактот дека е „многу тешко, речиси невозможно да се контролира“.

Силна препорака има и за тестирање на граѓаните пред секој собир или прослава, додека пак од утре маската одново станува задолжителна секаде, а не само во затворените простори како што беше случај досега, а новина е воведувањето двојна маска или маска со висока заштита за супермаркетите и јавниот превоз.

Министерот за здравство на Грција истакна дека во секој случај, новите мерки и првиот пакет и вториот по Нова година,  нема да упатуваат на евентуален локдаун и целосен карантин, нема да се воведе задолжително праќање смс за излегување, а волјата на Владата е да не се затворат училиштата.

Вчера комисијата на епидемиолози одржа состанок и излезе со конкретни препораки, кои Владата ги прифати, додека пак во понеделник, на 27 декември одново ќе заседава, за да ги разгледа новите податоци и да ги прецизира мерките за после Нова година.

Како што е и досега пракса во Грција, правилата што од утре стапуваат во сила ќе бидат детално објаснети во министерската одлука што дополнително ќе биде објавена во Службен весник.