Повторно полициски час во Македонија, но само ноќе, а дење ќе биде „безбедно“. Така илјадници попишувачи, за кои нема обезбедено вакцини, „безбедно“ ќе го попишуваат населението, зашто како што изјави премиерот Зоран Заев, пописот не смее да се одложи по никоја цена.
Засега не се планираат дополнителни мерки за справување со ширењето на Ковид-19 во однос на работата на угостителските објекти и групирањата преку ден на јавни простори, во паркови и на игралишта. Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите кажа дека за работата на угостителските објекти има протоколи што треба да се спроведуваат, како и ограничувања за групирањата на јавни простори. Тој го пренесе апелот на Комисијата за заразни болести до инспекторатите да ги интензивираат контролорите за почитување на мерките.
-Засега не, можно е и тоа да се случи. За угостителските објекти има протоколи и се што треба е да се почитуваат. Инспекоратите може и Комисијата за заразни болести апелираше, свесни се дека се на терен и под притисок, но колку може таа работа да се интензивира во смисла на контрола и проценка дали се почитуваат препораките или не, рече Филипче.
Според него, угостителските објекти работат со протоколи, што се сосем доволни, и врз основа на стандардните принципи за да се спречи ширењето на болеста.
За групирањата на игралиштата и јавните простори, министерот за здравство рече дека исто така нема нови мерки, но потенцираше дека сите инспекторати сега имаат зголемени ингеренции и оти со интензивна работа сите тие протоколи може да се контролираат.
Комисијата за заразни болести предложи од среда во земјава да се воведе полициски час од 22 до 5 часот наутро за да се спречи ширење на новиот бран на Ковид-19. Освен ова засега други мерки, како викенд карантини и други рестрикции не се предвидени. Бројките на заразени со Ковид-19 се зголемуваат во Скопје, Куманово, Прилеп…