Две нови сообраќајни правила можат да им донесат главоболка на оние кои летово ќе патуваат во Грција. Со нов закон за сообраќај се ограничува брзината на возење од 30 километри на час во сите населени места, а се затегнуваат и правилата за тоа какви помагала за прва помош содржи возилото.
Казна од 30 евра следува за нецелосен или несоодветен комплет, напиша Прототема. Од 18 јуни возилата ќе мора да имаат пообемен сет кој е по стандардот DIN 13164:2022. Најлесно решение е купување готов комплет со оваа ознака.
Комплетот чини околу 31 евро, додека стариот чинел околу 3 евра.
Што е различно во новиот стандард?
Клучни се 16 нешта кои мора да бидат внатре во сетот:
-термо-ќебе за спречување хипотермија
-сет фластери во повеќе големини (вкупно 14 парчиња)
-стерилни завои во точно дефинирани димензии
-специјални облоги за изгореници
-компреси за рани
-еластични завои во две големини
-медицински ракавици
-заштитни маски
-влажни марамчиња за хигиена
-безбедносни ножици со заоблен врв
-упатство за прва помош со јасни пиктограми
Некои од овие материјали имаат рок на траење од 5 години, додека дел треба редовно да се заменува на секои две години, што значи и дополнителни трошоци за возачите.
Што уште мора да имате во автомобилот?
Покрај комплетот за прва помош, грчките прописи бараат и друга задолжителна опрема: апарат за гаснење пожар, предупредувачки триаголник, рефлектирачки елек, резервна гума или сет за поправка и основни резервни сијалици (препорачано).
Кои се казните за брзо возење согласно новото ограничување?
Грчките медиуми во февруари пишуваа за воведување на ограничување на брзината во населени места на 30 километри на час.
Новост е и што законот предвидува и нови „паметни“ камери и дронови кои автоматски ги бележат прекршоците, а казните се испраќаат веднаш преку СМС или е-пошта.
„Мерките од новиот Закон за сообраќај веќе стапија во целосна сила и радикално го менуваат секојдневниот живот на возачите“, пишува Прототема со нагласок дека претходното ограничување изнесуваше 50км/час.
Овие зони ќе бидат воведени во речиси сите станбени населби, во близина на училишта, паркови и тесни градски улици.
Според новиот закон, казната за надминување на брзината до 20 км/час изнесува 150 евра со одземање на возачката дозвола на 20 дена.
Ако се работи за надминување од 20 до 30 км/час следува казна од 350 евра и одземање на дозволата на 60 дена.
За поголеми надминувања на брзината казните се 750 евра со одземање на дозволата на 90 дена.
А екстремни прекршоци (на пример, возење со над 200 км/ч на автопат или двојно надминување на брзината во град), казната може да достигне и до 2.000 евра, со трајно одземање на дозволата во некои случаи.




