Со проектот за поврат на 15 проценти од ДДВ кој е најавен дека ќе стартува од 1 јули, премиерот Зоран Заев очекува дека на самиот старт граѓаните ќе добијат меѓу 60 до 100 милиони евра годишно.
Загубите од приходите на ДДВ, според премиерот, сега се движат околу 30 милиони евра, а штетата е уште поголема бидејќи се создава нелојална конкуренција.
– Ќе имаме одличен систем и очекувањата се дека граѓаните ќе добијат меѓу 60 до 100 милиони евра годишно на самиот старт, а зависно од процентот на успешност, толку повеќе ќе раснат и вкупните пари што ќе одат кај граѓаните, но и во буџетот, рече Заев, додавајќи дека доцна синоќа имал состанок со претставници на Министерството за финансии и Управата за јавни приходи.
Со воведувањето на повратот на ДДВ се очекува граѓаните сами да бидат контролори и да добијат значителни приноси, но и да се подобри наплатата на ДДВ.
Многумина стручњаци сомничаво гледаат на ова ветување и на можностите тоа да биде реализирано. Но, пред избори секогаш се ветува на граѓаните многу повеќе од возможното што може да се реализира. Граѓаните паметат и 500 евра плата, и 500 км автопати и други фрази кои се благопријатни за слушање.