Тигрица од Суматра во Лондонската зоолошка градина беше убиена од потенцијалниот партнер при првата нивна средба.

Тигрицата Мелати му беше претставена на новопристигнатиот мажјак Асим во петокот. И покрај напорите на вработените да ги разделат, Мелати беше мртва кога стигнаа до неа.

Асим беше донесен во Лондон од дански сафари парк. Пред да бидат пуштени заедно двата тигра биле во две соседни кафези за да се навикнат еден на друг.

Мелати имала 10 години и родила седум тигри со претходниот партнер Џе Џе пред тој да биде преместен во Франција минатиот месец, јави Би-Би-Си. Сега специјалистите од зоолошката градина се загрижени за 7-годишниот Асим. Тигри од Суматра се критично под закана за истребување – на слобода се само околу 300. Во зоолошка живеат околу 20 години.