САД имаат цврст став дека нема да дозволат отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина и ќе реагираат на таквиот обид за прекршување на Дејтонскиот договор, потврди американскиот помошник државен секретар Џејмс О’Брајан.

– Разговаравме за тоа во Дејтон и сите таму разбраа дека нема право на отцепување. Точка. САД ќе дејствуваат доколку некој се обиде да го промени овој фундаментален елемент на Дејтона, наведе О’Брајан во изјавата објавена на неговиот официјален профил на социјалната мрежа „Икс“.

Тој со тоа ја потврди реакцијата од Американската амбасада во Сараево, која исто така изјави дека лидерот на босанските Срби, Милорад Додик греши ако мисли дека САД ќе застанат настрана додека ја турка БиХ во нови конфликти.

Тие реакции се резултат на најавата на Додик дека РС ќе прогласи независност истиот ден кога високиот претставник Кристијан Шмит на крајот ќе воведе закон за статусот на државниот имот.

Тоа прашање, кое не е решено по завршувањето на војната во БиХ во 1995 година, е клучно прашање за Додик со месеци и тој отфрла каков било договор што би и овозможил на БиХ како држава да поседува недвижен имот. Според него, правото на сопственост на недвижен имот, кое во социјализмот било т.н општествена своина автоматски треба да и припадне на Босна и Херцеговина како држава, всушност им припаѓа само на ентитетите и тоа е она што РС го заснова клучниот елемент на својата „државност“.

Фото: МИА архива