Специјалниот претставник на Обединетите Нации за сиромаштија и човекови права, Фелипе Гонзалез, испрати писмо до државниот секретар за азил на Белгија со препораки за решавање на состојбата со мигрантите кои штрајкуваат со глад и жед, јави дописничката на МИА од Брисел.

Писмото содржи шестнаесет страници и формулира низа препораки до владата во Белгија за да ги разјасни правилата за регуларизација на мигрантскиот статус, кој е еден од најконфузните во Европа.

Претставникот на Обединетите Нации бара да се воведе посебна независна комисија и да се прецизираат со точност критериумите за добивање на легален престој во Белгија. Обединетите Нации бараат Белгија да направи сериозен напор за да ги истражи случаите на експлоатација на мигранти без документи од страна на работодавци.

Мигрантите без документи кои со години живеат и работат во Белгија без никаков легален статус почнаа штрајк со глад на 23 мај и штрајк со жед пред три дена. Некои од нив повеќе од 30 години живеат во земјата, нивните деца се родени и школувани во Белгија, но тие и натаму се без легален престој, оставени на немилост на работодавци и други видови експлоатација.

Тие порачаа дека се подготвени да умрат за регуларизација на нивната состојба.

Ситуација се влошува од час во час на терен. Штрајкот со жед не може да се издржи повеќе од шест дена за човечкото тело сметаат лекарите.