Палестинското претседателство денеска излезе со осуда на изјавите на израелскиот премиер Нафтали Бенет во врска со џамијата Ал-Акса, соопштувајќи дека тие „поттикнуваат опасен верски конфликт“.

Бенет, претходно вчера ги советуваше израелските имигранти да продолжат со упадите на Ал-Акса на „организиран и безбеден“ начин, и тоа на крајот од состанокот за проценка на безбедносната состојба, одржан откако речиси 1.200 имигранти упаднаа во џамијата, под заштита на израелската полиција.

Доселениците претходно упаднаа во „Мусала ал-Кибла“ во комплексот на џамијата Ал-Акса и ги нападнаа Палестинците кои ја чуваа џамијата, позната како „мурабитун“.

Во соопштението на палестинското претседателство се наведува  дека „изјавата на Бенет е ескалација што поттикнува опасен верски конфликт“. Во него се додава дека израелската Влада е одговорна за оваа ескалација, сметајќи дека со тоа се опструираат меѓународните напори, особено што ваквата провокација се случува во пресрет на Курбан Бајрам.

Палестинското претседателство повика на зачувување на историскиот статус во Харам ал-Шариф, сметајќи дека овие изјави претставуваат пркосење на меѓународната заедница.

Извршниот комитет на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) смета дека изјавите на Бенет се опасна ескалација и повик за спроведување на организиран државен тероризам под заштита на окупаторските сили.

ПЛО смета дека окупаторската влада е одговорна за последиците од овој конфликт врз безбедноста и стабилноста на регионот на Блискиот исток. Таа, исто така, ја повика меѓународната заедница да преземе итни активности за заштита на светите места и запирање на израелското расистичко однесување и постојаното кршење на правата.

По честите повици од екстремистички израелски групи, околу 1.200 имигранти вчера упаднаа во џамијата Ал-Акса од правецот на Мароканската капија, каде провокативно прошетаа низ  дворот на џамијата и извршија верски ритуали спроти Куполата на карпата.

Повиците за упад во џамијата дојдоа по повод празникот Тиша Бав, Ден на пост и жалост меѓу Евреите заради уништувањето на Соломоновиот храм, за кој тврдат дека џамијата Ал-Акса е изградена на неговите темели.