Речиси 25 соработници и советници, како и 15 надворешни експерти работат за тимот на премиерот Ковачевски. Владата ги објави имињата и платите на трите потсекретаријати, објавува ТВ Сител.

На листата веќе познати, но и нови имиња од политиката и бизнисот. Зоран Верушевски, советник за национална безбедност со месечен хонорар од скоро 75 ,000 денари е повеќе платен од дел од министрите чии примања во просек се движат од 68 до 88 илјади денари, колку што зема премиерот. Љубе Бошковски, како советник за странски инвестиции и Аксел Ахмедовски за правни прашања имаат по 57 илјади денари владина плата. Глигор Бишев, Ванчо Узунов, Исмет Ррамадани, Еднонд Адеми, Антон Чаушевски се само дел од надворешните советници чиј месечен хонорар изнесува 36,000 денари. Во тимот на премиерот за комуникации и односи со јавност ангажирани се претежно поранешни новинари. Платите – далеку над новинарскиот просек – 55.268 денари. Зголемување или намалување на јавните плати ќе има кога ќе се донесе Законот за плати. Предлогот предвидува – за иста позиција вработените во јавниот сектор да имаат иста плата. Според министерката за труд, со овој закон ќе се воспостави ред во администрацијата.

– Сега имаме различни плати за иста работа во различни институции. Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може од таа плата да се оди погоре, а согласно највисоката плата надолу за останатите работни места согласно сложеноста на работа да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор, не може директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од претседателот на држава или, пак, директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од министерот кој му е надлежен во таа област, изјави министерката Тренчевска.

Сојузот на Синдикати пак, остро реагираше околу предложеното решение, кое ќе ги укине колективните договори, а околу 140 илјади јавни службеници ќе бидат казени ако одат на одмор или обука затоа што ќе земаат само основната плата, без додатоци за минат труд. Исто така, додатоци ќе има ако институцијата во која работат има пари.

Во предлог законот е наведено дека платите ќе бидат хиерархиски подредени, а највисока ќе зема претседателот на државата, чии примања во момнетов изнесуваат 93,000 денари. За вработените во јавниост сектор ќе се утврди работното место со бодови, чија вредноста ќе ја утврдува Собранието.