Во нашата програма Обнова на Македонија ветуваме Целосна гасификација на Македонија, поголема искористеност на обновливите извори на енергија, зголемување на енергетската ефикасност, обезбедување на континуирано и одржливо производство на електрична енергија, функционален и ефикасен преносен електроенергетски систем, поквалитетен систем за дистрибуција на електрична енергија, организиран пазар на електрична енергија, интегриран во европскиот пазар на електрична енергија, развивање на системи за топлификација, политики за развој на енергетиката, и политики за развој на рударски капацитети и минерални суровини.
Ова се истакнува во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
– Посебен акцент ставаме на гасификацијата на целата територија на Република Македонија. Се обврзуваме на 285 километри на магистрални гасоводи и бесплатен приклучок на гас. Ветуваме завршување и пуштање во употреба на проектите кои беа започнати од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат во Владата на Македонија, и тоа Магистрален гасовод Неготино (Кавадарци) – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Изградба на Магистрален гасовод Штип – Радовиш – Струмица – Гевгелија. Изградба на Магистрален гасовод Гостивар – Кичево. Изградба на Магистрален гасовод Свети Николе – Велес. Изградба на Магистрален гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга. Поврзување на ТЕЦ Неготино на природен гас. Изградба на делници за поврзување на Технолошко-индустриските, развојни зони во Штип, Прилеп, Тетово, Радовиш, Струмица, Кичево, Струга, Гевгелија , како и Индустриската зона Жабени, се вели во соопштението.
Натаму се додава:
– Паралелно со изградба на националниот гасоводен систем ќе се пристапи кон подготвителни работи за изградба на дистрибутивните мрежи на природен гас, со што ќе овозможиме гасот да биде директно достапен до домаќинствата, индустриските и други стопански објекти и јавни установи во Македонија. Со изградбата на дистрибутивните мрежи се очекува намалување на трошоците на граѓаните и други економски субјекти за затоплување и користењето на топла вода, како и намалување на загадувањето што ќе придонесе за подобра животна средина. Ќе го субвенционираме во целост приклучокот на дистрибутивната мрежа за гас со цел да овозможиме гас за секое домаќинство. По 15 јули почнува обновата. СДСМ покажа дека можат единствено повеќе криминал, можат повеќе корупција и можат само порази. Да ставиме крај на виткањето кичма. Исправи се Македонијо! Одбери обнова!