Италија од денеска забранува влез на нејзина територија од 13 земји за кои процени дека имаат премногу случаи на Ковид-19, меѓу кои е и нашата земја Република Македонија.

На списокот, составен од Министерството за здравство, се Ерменија, Бахреин, Бангладеш, Бразил, Босна и Херцеговина, Чиле, Кувајт, Македонија, Молдавија, Оман, Панама, Перу и Доминиканската Република.

– Забраната се однесува на сите што престојувале во тие земји или поминале низ нив во изминатите 14 дена, изјави министерот за здравство Роберто Сперанца.

Патниците од сите други земји надвор од Европската унија и Шенген-зоната можат да влезат во Италија, но по пристигнувањето тие мора да поминат 14 дена во карантин.

– Пандемијата е во најостра фаза низ целиот свет, рече Сперанца.

Конте: Италија не може да дозволи нов бран на коронавирусот поради небрежност на поединци

Италијанскиот премиер Џузепе Конте изјави дека Италија не може да дозволи нов бран на коронавирусот поради небрежност на поединци и влегување на позитивни случаи од странство, што доведе до воведување ограничувања за земјите што не се во ЕУ.

– Сега ситуацијата е различна од изминатите неколку месеци. Ние ги подобривме условите на здравствените институции, набавивме опрема, спроведовме милиони тестови … Се соочуваме со нова фаза на самодоверба и силно чувство на одговорност, изјави Конте во интервју за шпанската телевизија ЛаСекста.

Италијанскиот премиер додаде дека Италија „не смее да дозволи“ влез на позитивни случаи од странство, поради што се на сила голем број ограничувања за државите што не се членки на ЕУ и дека не смее да дозволи нов бран на коронавирус да биде предизвикан од небрежност на поединци.