Пратеничката на СДСМ и потпретседателка на Собранието на РМ, Фросина Ременски денеска испрати заканувачки пораки до Основното јавно обвинителство и до нејзината партија и најави соработка со новиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев во расветлувањето на криминалот.

Ременски за денешното обвинение против неа за случајот „Меѓународен сојуз“ денеска дознала од медиумите.

– Тоа уште еднаш покажува како функционираат нашите институции и дали постапуваат согласно законот, независно кон кого се однесуваат. Во однос на одлуката на ЈО можам само да искоментирам дека е избрзана одлука и е само уште една потврда за тоа дека конструкции без докази може да станат основи за обвинение. Тоа секако ќе се докаже, но за тоа некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на ЈО, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени во јавноста останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка од останати институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи, којшто можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања којшто не беа отворени во изминатиот период, со тоа да добијат на гласност, а со тоа и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон, изјави Ременски.

Таа додаде дека во „оваа смешна постапка“ ќе се виде немањето на докази против неа.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против пет физички лица и едно правно лице за случајот со Меѓународниот сојуз. Обвинети во овој случај, познат во јавноста како „Рекет 2“ се првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, неговиот татко Миле Јовановски, Фросина Ременски, асистентката во Меѓународниот сојуз Христина Блажевска и потпретседателката на сојузот Јасна Мандиќ.

Ременски кажа дека нејзините политички активности за изборите се замрзнати, но дека нема ништо против тоа што не учествува во подготовката на изборниот процес.