Најмалку 74 лица досега починаа, а повеќе од 7.800 лица се заразени во епидемијата на колера што избувна на почетокот на мај на североистокот на Нигерија, објави денеска организацијата „Лекари без граници“.

Според податоците на Министерство за здравство на Нигерија, до 7 јуни во болниците на 14 локални самоуправи на североистокот на Нигерија биле примени 7.850 пациенти со сомнежи дека се заразени со колера, јавија британските меидуми.

„Секој ден гледаме сè повеќе луѓе кои доаѓаат со тешка водена дијареја и дехидрација, од кои многумина патувале на долги растојанија за да добијат (медицинска) нега“, изјави координаторот за итна медицинска помош на „Лекари без граници“ во Мајдугури, Бјенфаит Томбола.

„Лекари без граници“ објавија дека основале центар за третман на колера во Мајдугури, главниот град на Борно, во соработка со државното Министерство за здравство.

Според добротворната организација, досега во Нигерија од колера се лекувани 7.439 пациенти, што е просек од околу 230 приеми дневно, со повеќе од 500 случаи регистрирани само на 5 јуни, што е најголем број на сомнителни приеми за колера во еден ден од почетокот на епидемијата.

Колерата, болест што се пренесува преку вода, се шири во области без чиста вода и санитација.