Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека дигиталните сертификати за вакцинација, кои ќе им овозможат на луѓето да патуваат во Европа и покрај пандемијата на коронавирусот, веројатно ќе бидат достапни пред лето.

– Сите се согласија дека ни треба дигитален сертификат за вакцинација, рече Меркел на прес-конференција по самитот на ЕУ, што се одржува онлајн.

Германската канцеларка додаде дека на Европската комисија ќе и требаат околу три месеци за да развие техничка основа за вакви документи.

Вечерва и лидерите на ЕУ на редовна видео-конференција посветена на борбата против пандемијата на Ковид-19 покажаа дека расте поддршката за т.н. дигитални сертификати за вакцинација засновани врз заеднички европски критериуми за влез во земјите-членки и отворање на општеството по пандемијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека земјите-членки ќе треба да донесат одлуки за тоа „што ќе може да се прави со сертификатите“, а оти на ниво на ЕУ тие ќе се користат за функционирање на единствениот пазар.

Фон Дер Лајен изјави дека ќе бидат потребни најмалку три месеци да се воспостави интероперабилен систем на сертификати за вакцинација во ЕУ.

– Системот ќе поддржува информации за вакцинација на лице, негативен ПЦР тест или имунитет. Потребна ни е брза имплементација доколку сакаме овие сертификати да бидат функционални пред летото, заклучи Вон Дер Лајен.

Претставници на ЕУ нагласуваат дека има уште многу отворени и „политички и научни“ прашања кога станува збор за сертификатите за вакцинација, односно за што ќе се користат или дали вакцинацијата значи и прекин на пренесувањето на инфекцијата.

– Имаме охрабрувачки податоци од Израел, каде вакцините на Фајзер покажаа дека го запираат пренесувањето на инфекцијата по ревакцинацијата, рече Фон Дер Лајен.

Таа додаде дека ЕУ досега примила 50 милиони дози вакцина против Ковид-19, од кои 29 милиони биле потрошени на вакцинирање граѓани, што претставува осум проценти од возрасната популација во ЕУ.