Одлуката за набавка на видеолотариските (ВЛТ) апарати е потврдена преку усвоените финансиски планови и планот за јавни набавки, и истата е целосно во согласност со Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата, изјави денеска бранителот на првообвинетиот Перпарим Бајрами, адвокатот Еленко Миланов по завршувањето на судското рочиште за случајот „Државна лотарија“.
Одговарајќи на новинарско прашање за исказот на сведокот Христо Најданов, кој наведе дека на седница на Управниот одбор немало посебна расправа за набавката иако истовремено биле усвојувани извештаи и финансиски планови во кои за февруари била предвидена набавка на апаратите, Миланов посочи дека сеќавањето на сведокот не ги поништува донесените документи.
– Сведокот изјави дека не е сигурен и дека не се сеќава дали таквата одлука и материјалите за нејзино донесување биле доставени и дали била донесена. Тоа што тој не се сеќава е една работа, но сите овие прашања се потврдени со одлуките што биле донесени при усвојувањето на финансиските планови. Исто така, и планот за јавни набавки е документ што го донеле директорот и Управниот одбор, при што и во тој дел се донесени соодветни одлуки – посочи Миланов.
Постапката, тој појасни дека се водела преку законските надлежности на органите на управување, со задолжение директно од Надзорниот одбор на АД „Државна лотарија“.
– Во конкретниот случај, имаме одлука на Надзорниот одбор, донесена врз основа на конкретен член од Статутот, односно членот 33, со кој се утврдени неговите права и обврски за контрола и одлучување. Фактички, Надзорниот одбор донесува одлука со која го задолжува директорот тоа да го спроведе. Сметам дека таквата одлука е целосно во согласност со Законот за трговските друштва и дека во таа насока нема апсолутно никаква пречка. Дали се согласувам со некоја одлука или донесувам одлука со која ве задолжувам да постапите на одреден начин, сето тоа е во надлежност на Надзорниот одбор, имајќи го предвид утврдениот праг за голема зделка, односно над 20 отсто од вредноста на компанијата – истакна Миланов.
Во однос на дилемите за електронскиот начин на кој членовите на Управниот одбор ги добивале и усвојувале материјалите, Миланов потенцираше дека таквата практика произлегла од вонредните околности за време на пандемијата.
– Во тој дел не сакав да навлегувам, но сведокот во својот исказ јасно наведе дека одлучувањето по електронски пат започнало во периодот на пандемијата. Сега, сведокот, секако, по временска дистанца од четири години, можеби не може да го посочи точниот период кога започнало таквото одлучување. Сепак, неспорен факт е дека поголемиот број институции во државата, па дури и Владата, претпоставувам, во тој период донесувале одлуки на тој начин, особено за време на пандемијата, кога движењето и собирањето поголем број луѓе во одреден простор беа ограничени – наведе бранителот на првообвинетиот Перпарим Бајрами, адвокат Еленко Миланов по рочиштето во Основниот кривичен суд Скопје.
На денешното судско рочиште за случајот „Државна лотарија“, сведочеше Христо Најданов, поранешен член на Управниот одбор на Државна лотарија, кој пред судот наведе дека Управниот одбор не донел посебна одлука за набавка на видео-лотариските терминали (ВЛТ), како и дека потребата од нивна набавка не била посебна точка на дневниот ред. Најданов, кој бил член на Управниот одбор од 2017 година до 2 февруари 2024 година, посочи дека одлука за набавката не била донесена во периодот во кој тој бил член на ова тело. Сепак, рече дека за проширување на дејноста на компанијата и организирање електронски игри на среќа се разговарало и во периодот кога директорка била Катица Николовска Парнакова.
На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5, во врска со ставовите 4 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Според обвинителниот предлог, делата биле сторени во текот на 2023 и 2024 година. За ова кривично дело е пропишана казна затвор од една до пет години.
Првообвинет во предметот е поранешниот генерален директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, а второобвинет е поранешниот вицепремиер Артан Груби. Во предметот се обвинети уште седум лица.
МИА




