Почесниот претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија, Исмаил Бојда на денешната прес-конференција жестоко му одговори на навредите од премиерот Зоран Заев кон Македонците муслимани, но и ја коментираше посебната графа на престојниот попис.

Бојда потенцира дека Македонците муслимани по ништо не се разликуваат од своите браќа Македонци освен по својата вероисповест и како такви не можат да бидат запишувани во посебна графа на престојниот попис туку нивната религиска определба треба да биде запишана во графата за вероисповед.

Тој одговори и на навредите на Заев кој говорејќи за тоа како ќе бидат внесени во Уставот како посебна етничка група ги нарече „Торбеши“ и уште еднаш потенцираше дека Македонците муслимани се нераскинлив дел од македонскиот етникум.

-Пред влезот во ЕУ, мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заeдници кои живеат тука и треба да се внесат. Тоа го направи Хрватска пред влезот. Имаме спремност, не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други кои и да ги имаме од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји, изјави Заев на прес-конференцијата за презентација на новата владина агенда „Европа дома“.