Судењето за криминалната афера „Рекет“ кое требаше да се одржи денеска е одложено, бидејќи во судницата не пристигнаа адвокатите на обвинетата Катица Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска, кои судот го известиле дека се болни.
-На 15 јануари е стигнато барање за одлагање, бидејќи адвокатот Кадиев е на болничко лекување. Денеска стигна барање и од адвокат Ирена Фрчковска исто така за одлагање, која исто така била болна, но за разлика од Кадиев, нема доставено документација, рече судијката Васка Николовска Масевска.
На денешното рочиште требаше да сведочи поранешната специјхална обвинителка Лиле Стефанова, а наредното рочиште е одложено за в четврток.
Како сведок во судот исказ претходно даде даде и заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска.
Досега исказ дадоа и бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.
Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
На првото рочиште за „Рекет“ третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.