Владата преку тендер си набавила 260 молекуларни тестови за тестирање на Ковид-19 за потребите на своите вработени.
Како што објави Радио Слободна Европа, за еден тест се издвоени 1.900 денари, а вкупно тие чинеле околу 8000 евра. Договорот со приватната лабораторија Авицена е потпишан пред 12 дена.
За потребите на своите вработени досега тестови не набавила ниту една институција, настрана од здравствените институции. Ниту еден денар немало да ги чини тестирањето вработените во Владата доколку закажале термин преку нивниот матичен лекар за разлика од случајов, кога тестирањето чини околу 30 евра.
Зошто тестовите се набавени од приватна лабораторија, кога тие не се наплаќаат за осигурениците кои имаат здравствено осигурување од Владата избегнаа да ни одговорат. Оттаму само наведоа дека на тендерот се пријавиле 4 компании и избрана е најповолната понуда. Право, како што наведуваат, да учествуваат имале сите економски оператори, вклучително и Институтот за јавно здравје каде всушност тестот доколку се прави приватно е поевтин за 50 денари, од избраната сума на тендерот.
-Постигнатата цена за ПЦР тест е пониска од која било што ја наплаќаат приватните лаборатории, а набавката е направена за вработени во Владата кои имаат потреба од ПЦР тестови. Барањата на Договорниот орган во тендерските документации се во целост согласно неговите потреби, а се во насока на рационално и ефикасно искористување на средствата, утврдени врз основа на начелото на економичност, ефикасност и ефективност на користењето јавни средства, велат од Владата на премиерот Зоран Заев.
Извор: РСЕ