Поплавите се зголемија денеска во подрачјето на два града во рускиот Урал, откако третата најдолга река во Европа ја проби браната, поплавувајќи најмалку 6.000 домови и принудувајќи илјадници да избегаат само со своите миленици и неколку работи.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека поплавите во руските региони Курган и Тјумен се „неизбежни“ поради поплавите во уралскиот планински регион Оренбург, пренесе државната новинска агенција Тас. Песков рече и дека рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со гувернерите на двата региона.

Голем број руски региони на планините Урал, во областа на Сибир и во делови на соседен Казахстан се погодени од незапаметени поплави во последните години.

Реката Урал, која извира од планините Урал и се влева во Каспиското Море, во петокот за само неколку часа се крена неколку метри, а во тоа помогна и топењето на мразот. Реката го проби насипот на браната во градот Орск, на околу 1.800 километри источно од Москва.

Повеќе од 4.000 жители беа евакуирани од предградијата на градот. Поплавени се големи делови од Орск, град со 230.000 жители.

Снимките објавени од Министерството за вонредни состојби покажуваат како жителите минуваат низ вода длабока до вратот, спасуваат заглавени кучиња и пловат по поплавените патишта со чамци и кануа.

Гувернерот на регионот Оренбург, Денис Паслер, изјави дека ова е најтешката поплава во регионот откако се бележат такви податоци. Тој рече и дека се поплавени цели области по целото течение на реката Урал, долга 2428 километри, која тече низ регионот Оренбург, но и низ Казахстан и се влева во Каспиското Море.

Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токајев во саботата изјави дека овогодинешните поплави, според обемот и последиците, се најголемата природна катастрофа што ја погодила неговата земја во последните 80 години.

Предупредувања за поплави беа издадени и во други руски региони, а Куренков рече дека ситуацијата може многу брзо да се влоши. „Водата сè уште расте, а нивото ќе се зголемува само во наредните денови. Ситуацијата е сè уште критична“, рече Сергеј Салмин, градоначалник на Оренбург, град со околу 550.000 жители.

Локалните власти известија дека браната во Орск е изградена за да се справи со нивото на водата од 5,5 метри, но реката Урал се искачи на 9,6 метри. Федералните истражители отворија кривична постапка за небрежност и прекршување на безбедноста во 2010 година, кога се градеше браната. Обвинителите тогаш рекоа дека браната не се одржува како што треба.

Во неделата поради поплавата престана со работа и рафинеријата за нафта во Орск. Таа рафинерија лани преработила 4,5 милиони тони нафта.