Која било јавно здравствена институција што смета дека не може да лекува одредена состојба, без разлика дали станува збор за коронавирус или не, ги препраќа пациентите на соодветното повисоко ниво на здравствена заштита. Уште од почетокот се знаеше дека пациенти со средна и со тешка клиничка слика се лекуваат на Инфективната клиника во Скопје, а само лица со лесни клинички форми, кои што можат да бидат и на домашно лекување, меѓутоа заради некои други околности да бидат примени во инфективните одделенија во болниците, се лекуваат таму, нагласи на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање околу писмото што вчера вработените во охридската инфектологија го испратија до медиумите, во кое го објаснуваат случајот со починатата стружанка и каде велат дека не можат да третираат пацинети со потешка состојба од корона вирусот бидејќи немаат апарати, наведе дека е завршен увидот во болницата во Охрид и дека таму се детектирани одредени пропусти од страна на Државниот санитарен здравствен инспекторат и сега се изготвуваат соодветни решенија.
– Секоја здравствена институција си доби наредба по која што треба да се постапува. Да се обезбедат и просторот и кадарот, да се организираат патеките за изолација, во Охрид тоа не беше случај, затоа се направи смена на раководството, на директорката, потенцираше министерот.
Филипче, на прашањето зошто пацинтите од Заводот за рехабилитација во Козле се пуштени дома, иако таму се утврдени случаи на заболени со Ковид-19, рече дека дијагностицираните лица се примени на лекување во Инфективната клиника.
– Примени се на Инфективната клиника дијагностицираните лица кај кои е индицирано болничко лекување, односно кои се симтоматски, кои што треба да се лекуваат во болница. Сите други согласно резултатите, согласно времето на контактот. одат на домашна самоизолација, кај тие што веќе е поминат периодот на инкубација е направен и тестот, одговори министерот.