Извршен е увид од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Куманово на локациите каде синоќа биле опожарени два автомобила и една деловна просторија.

– Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, информираа денеска од Јавното обвинителство.

Од Обвинителството информираат дека еден од автомобилите е сопственост на јавен обвинител.

Според информациите од Регионалниот центар за управување со кризи и од Територијалната противпожарна единица од Куманово, синоќа интервенирале на две возила на улицата „Трст“ и едно возило на улицата „Никола Вапцаров“. Интервенирано е и на пожар на фотокопирница.

Од Демократската унија за интеграција реагираа барајќи веднаш да се истражат случаите и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Од ДУИ оценуваат дека се работи за омраза и меѓуетнички поделби и ја повикуваат меѓународната заедница да реагира.

Фото: МИА архива