Надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје донесе решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од Здружението за истражување, развој и анализа – Зелена лупа против десет судии за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.
Како што е наведено во соопштението од Јавното обвинителство, во кривичната пријава било наведено дека пријавените тројца судии во Основниот суд Скопје 1 ја злоупотребиле службената положба, со намера за други да прибават некаква корист. Тие како членови на Советот на Основен суд Скопје 1 во кривична постапка против двајца обвинети и покрај постоење на докази за опасност од бегство за сторени потешки кривични дела по поднесено обвинение од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите го одбиле предлогот за определување мерка притвор спрема обвинетите.
Пријавените тројца судии од Апелацискиот суд Скопје, пак, според наводите во пријавата како членови на Советот на Апелацискиот суд Скопје, донеле решение со кое ја прифатиле жалбата на обвинителството и го преиначиле решението на Советот на Основен суд Скопје 1 спрема обвинетите, но во решението навеле дека против истото е дозволено право на жалба која го одложува извршувањето.
Според пријавата пак, четворицата судии на Врховниот суд на Република Македонија како членови на Советот на Врховниот суд на Република Македонија одлучувале по жалбата на обвинетите, наместо да ја отфрлат како неоснована.
Здружението за истражување, развој и анализа – Зелена лупа во пријавата тврди дека пријавените со своето постапување ја злоупотребиле службената положба и овластување, постапувале пристрасно, ги повредиле правилата на еднаков третман на странките, правилата на правично судење и правилата на Судскиот кодекс.
По проучување на наводите во поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител изврши увид во судските предмети во кои постапувале судиите со цел да ја утврди фактичката состојба.
Притоа било утврдено дека пријавените судии од Основниот суд Скопје 1 постапувајќи по предлогот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за определување мерка притвор спрема двајца обвинети донеле Решение за отфрлање, притоа ценејќи ја исполнетоста на законските основи за определување на мерката притвор, видот, карактерот и тежината на кривичните дела кои им се ставаат на обвинетите, како и видот и висината на запретената санкција. Наместо притвор, на обвинетите лица им биле определени мерки на претпазливост за кои судиите сметале дека ќе ги исполнат целите и очекувањата за обезбедување на присуство на обвинетите и за непречено и успешно водење на постапката.
Пријавените судии од Апелациониот суд Скопје, кои донеле решение со кое се уважува жалбата на обвинителството, во поглед на дозволеноста на правото на жалба против нивното решение, постапиле во согласност со членот 5 став 4 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој пропишува дека секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да вложи жалба до судот и тој во кус рок да ја разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законско, да нареди негово ослободување.
Од четворицата пријавени судии на Врховниот суд на Република Македонија, надлежниот јавен обвинител утврдил дека еден воопшто не постапувал во конкретниот предмет, додека останатите тројца одлучиле по изјавената жалба на обвинетите, бидејќи оцениле дека во конкретниот случај има можност да се примени одредбата од чл.440 ст.1 од Законот за кривична постапка за дозволеност на жалбата против решението заради остварување на правата на обвинетите на правична судска постапка.
Надлежниот јавен обвинител, имајќи го во вид постапувањето на судиите, оцени дека во пријавеното дело не се содржани суштествените обележја на кривичното дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик. Истовремено, пријавените почитувајќи ги основните начела на кривичната постапка, постапиле согласно чл.11 ст.1 од Законот за судовите кој пропишува дека судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите. Во донесените одлуки пријавените јасно ги образложиле причините за одлуката што ја донеле.
Пријавените со своето постапување не ја искористиле службената положба, не ги пречекориле границите на своето службено овластување, ниту пак со неизвршување на својата службена должност прибавиле за себе или за некој друг имотна корист или нанеле штета на друго лице, што претставува законско битие на пријавеното кривично дело.
Од тие причини, надлежниот јавен обвинител оцени дека за деветмина од пријавените пријавата треба да се отфрли бидејќи пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност, додека за еден од пријавените кривичната пријава се отфрла, бидејќи не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело, соопшти Јавното обвинителство.