Во текот на вчерашните протести во Западен Брег поради израелската колонизација повредени се околу 270 Палестинци.

Најмногу повредени се во  Беита, во близина на Наблус, каде што израелската армија редовно е во судир со жителите кои протестираат од средината на мај против изградбата на дива еврејска населба.

– Повеќето од жртвите се повредени од вдишување солзавец, педесетина се ранети од гумени куршуми, а седуммина со боева муниција, соопшти Црвена полумесечина.

Според израелската армија, околу 150 Палестинци фрлале камења и запалени гуми кон војниците, кои возвратиле со „средства за растурање на демонстрации“ и истрели.

Според Црвена полумесечина во слични судири минатата недела повредени биле 320 лица, од кои најголемиот број од вдишување солзавец.

Судири имаше и во Беит Омар, на погребот на 20-годишниот Палестинец. Тој им подлегнал на повредите здобиени претходниот ден во сличен судир со израелските војници на погреб на 12-годишното палестинско момче.