Најсиромашните луѓе во светот погодени од бури, поплави и суши добиваат помалку од еден цент на ден меѓународна помош за заштита од катастрофи и зголемување на нивото на морето како резултат на затоплувањето на планетата, објави денеска Оксфам, меѓународна непрофитна организација.

Анализата на глобалното финансирање на земјите во развој за нивно прилагодување кон климатските услови беше објавена во момент кога се собираат светските лидери во Њујорк на самитот на ОН, што треба да одговори на прашањето какви мерки ќе бидат преземени за спречување на глобалното затоплување.

Сиромашните земји, многу во областите кои се најпогодени од климатските промени, долго време бараат финансиска помош за изградба на побезбедни домови, засадување потрајни култури, безбедно наводнување и развој на системи за предупредување.

– На милиони луѓе им се заканува смртоносно невреме, поплави и уништување на земјоделските култури, рече извршниот директор на Оксфам, Дани Срискандараја.

Според него, богатите земји треба да преземат итна акција за да ги намалат емисиите на штетни гасови и да обезбедат финансиска помош за најсиромашните заедници во борбата против климатските промени.

Минатата година, поради сушата, на Африканскиот рог им беше потребна помош за повеќе од 15 милиони луѓе во Сомалија, Етиопија и Кенија, додека во Мозамбик на 2,6 милиони луѓе им беше потребна помош, откако два моќни циклони ја опустошија областа, наведоа Оксфам.

Според пресметките на Оксфам, по враќањето на заемите, 48 најмалку развиени земји добиле помош од 2,4 милијарди до 3,4 милијарди американски долари во 2015 и 2016 година, што е според најновите расположливи податоци 2,5 и 3,5 американски долари по глава на жител годишно.

Богатите земји се согласија во 2009 година да обезбедат 100 милијарди американски долари годишно до 2020 година за да им помогнат на посиромашните земји да се прилагодат на растечките влијанија на климатските промени.

Владините донации се искачија нешто над 71 милијарди американски долари во 2017 година од скоро 59 милијарди американски долари во 2016 година, вклучително и инвестиции во приватниот сектор, објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во септември.

Најмалку развиени членки, Бутан, Етиопија, Гамбија, Малави, Танзанија и Уганда планираат да побараат 450 милиони американски долари инвестиции во текот на следните 10 години за новата иницијатива „Визија 2050“.