Македонија подолг временски период е изложена на интензивна субверзвивна пропаганда дејност, поврзана со интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на пратеничко прашање од Павле Богоевски.
Зад пропагандата, нагласи Спасовски, стои мала криминална структура која не дејствува идеолошки, туку сака да ги реализира своите лични интереси.
Станува збор за мала и слаба група, која заради лични интереси е гласноговорник во одредена структура, а целта е во јавноста да се создаде впечаток дека во Македонија има критична маса што ќе може да ги спречи интеграциите во ЕУ и НАТО.
– Тука се користи и моќта на медиумската пропаганда. И сето тоа не се прави врз основа на идеологија, туку врз основа на криминал. Тие преку таквите процеси гледаат како да се извлечат од кривичните пријави покренати против нив или нивни блиски луѓе, нагласи министерот, одговорајќи на прашањето од пратеникот Богоевски, кој припаѓа на владејачкото мнозинство.
И тактиката и тежиштето и интензитетот на таа субверзивна кампања со значителен интензитет се совпаѓа со политичкиот момент на Република Македонија, смета министерот.
МВР и другите надлежни служби во соработка со партнерските служби на РМ ја опсвервираат целата состојба во однос на евентуалните ризици за земјава, но ниту една истрага не смее да се води преку медиумите.
Премиерот Зоран Заев кон средината на месецот обелодени дека проруски бизнисмени им плаќале на учесници во протестите и дека полицијата за ваквите плаќањата дознала по приведувањето на неколку учесници во насилните протести пред Собранието минатиот месец, кога договорот со Грција влезе во собраниска процедура. Се споменуваат суми од 13 до 21 илјади долари за организирање насилни демонстрации пред референдумот.