До сите Македонци и пријатели на Македонија, до сите почитувачи на делото на Јане Сандански и љубители на македонската култура, повелете на семакедонскиот собор во чест на Јане Сандански што ќе се одржи на 21 април 2024 г. во Мелник, Пиринскиот дел на Македонија, Р. Бугарија, се истакнува во поканата од ОМО ИЛИНДЕН – ПРИН.

„Програмата предвидува положување цвеќиња на гробот на Јане Сандански кај Роженскиот манастир од 10.00 часот. Официјалниот дел од Соборот ќе започне во Мелник кај споменикот на војводата од 11.00 часот (по бугарско време). Свеченоста со своето учество, ќе ја збогати писателот, автор, новинар, собирач на фолклорни записи, внукот на Јане Сандански – Борис Сандански“, се вели во поканата што ОМО ИЛИНДЕН-ПИРИН ја упати преку социјалните мрежи.

Натаму во објавата на нивниот официјален профил на Фејсбук се додава:

Ќе бидат поставени венци и цвеќиња на споменикот, ќе биде прочитан говор во чест на Јане Сандански, ќе има богата културна програма со македонски песни и ора. Повелете ве очекуваме!

Поканата е упатена од името на организаторите: ОМО „Илинден“-ПИРИН, Македонско меѓународно движење за човекови права, ОМО „Илинден“, Антички Македонци, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија, Македонски културен клуб “Никола Вапцаров”, Друштво за заштита на основни човекови права, Македонски дискусионен клуб за етничка толерантност и Правозаштитен комитет Толерантност.