Во врска со шпекулациите што кружат во врска за Македонскиот клуб во Благоевград, после консултација со членовите на клубот ја информираме јавноста дека истиот нема да биде затворен, туку ќе биде преселен во други простории, објави денеска ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН.

Вчера објавивме дека клубот се затвора, а тоа го изјави претседателот на Градскиот комитет на ОМО Илинден од Благоевград, Атанас Кирјаков.

Го пренесуваме соопштението од ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН, објавено на нивниот официјален профил на Фејсбук:

Прво, Клубот не се затвора, но ќе мора да се премести, затоа што сопствениците беа заплашени неколку пати и не смеат да продолжат со договорот. Клубот таму престојуваше не 6 месеци а 1 година. Второ, сите членови на сите Организации се канети и примани во клубот. За присуство во клубот и учество во неговите активности или организираните од него свечености од никого ништо не е барано. Трето, бугарските власти вложуваат огромен напор да не дозволат да се отворат македонски клубови или да им се одземат просториите на оние што постојат. Во такви услови ширењето на навреди, дезинформации и полувистини само дополнително ја влошува и без тоа тешката борба на Македонците во Бугарија, соопшти ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН.

Апелираме, се додава во објавата, кон медиумите за повеќе професионализам – кога има такви информации кои го уриваат угледот и достоинството на македонски организации или активисти овде да не ги објавуваат без да ги проверуваат.

– Многу од шпекулациите ќе беа избегнати ако едноставно беа консултирано членовите на Клубот. Апелираме до сите Македонци да не веруваат на непроверени негативни информации од било кого за било кого, се вели во објавата на Фејсбук.

(Д. Г.)