Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изрази загриженост поради американските воздушни напади врз стратешкото нафтено пристаниште во Јемен, во кои, според бунтовниците Хути, загинале 80 луѓе, а се повредени 150, изјави денеска неговиот портпарол Стефан Дужарик.
„Генералниот секретар е сериозно загрижен поради воздушните напади на САД на 17 и 18 април во и околу јеменското пристаниште Рас Иса, кои, според извештаите, предизвикале бројни цивилни жртви, меѓу кои и пет ранети хуманитарни работници“, се вели во изјавата на Дужарик.
Тоа е најсмртоносниот напад регистриран од почетокот на американската воена кампања против овие бунтовници поддржани од Иран пред 15 месеци. Американската војска соопшти дека го гаѓала и уништила стратешкото пристаниште за да го прекине снабдувањето и финансирањето на бунтовниците кои контролираат големи делови од Јемен.
Фото: МИА архива