Повеќе од 8.500 деца биле користени како војници во разни конфликти ширум светот во 2020 година, а други речиси 2.700 биле убиени. Тие податоци се содржани во годишниот извештај на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за децата и вооружениот конфликт.
Извештајот опфаќа убиства, осакатувања и сексуално злоставување на деца, киднапирања, одбивање пристап до помош и напади врз училишта и болници.
Се наведува дека е извршено насилство врз 19.379 деца во 21 конфликт. Најголем број насилства имало во Сомалија, Демократска Република Конго, Авганистан, Сирија и Јемен. Во различни конфликти минатата година, 8.521 дете биле користени како војници, додека други 2.674 биле убиени и 5.748 ранети.