Израел повтори дека милитантите на Хамас ги користат како бази болниците во Газа, каде што се води војна повеќе од пет месеци.

Хамас и медицинскиот персонал ги негираат наводите.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека еден од членовите на нејзиниот персонал е убиен кога израелски тенкови ненадејно упаднале во областите околу болниците Ал-Амал и Насер во јужниот град Кан Јунис, за време на силно гранатирање и бомбардирање.

Израелските вооружени сили ја блокираа болницата Ал Амал и почнаа со операции во нејзина близина, соопшти Црвената полумесечина. „Нашите тимови се во екстремна опасност во моментов и се целосно блокирани“, додава организацијата.

Црвената полумесечина понатаму наведува дека израелските сили сега бараат целосна евакуација на персоналот, пациентите и раселените лица од болницата Ал Амал и почнале да фрлаат димни бомби за да ги избркаат луѓето од болницата.

Министерството за здравство на Газа соопшти дека десетици пациенти и медицински персонал биле приведени од израелските сили во Ал Шифа во северниот град Газа.

Канцеларијата за медиуми на Хамас соопшти дека израелските сили убиле пет палестински лекари за време на нивниот седумдневен напад на Ал Шифа.

Израелската војска не одговорила веднаш на барањето за коментар, но претходно соопшти дека убила 170 вооружени мажи во рацијата, во која загинаа пет пациенти, според палестинското Министерство за здравство.

Ал Шифа е една од само неколкуте делумно функционални болници во Газа и, како и другите, обезбедува засолниште за некои од речиси два милиони бегалци во Газа.

Фото: ЕПА