Градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески од денеска престојува во дводневна работна посета на Холандија, каде ќе ја посети фабриката за преработка на отпад во Алкмар.

Како што појаснува Ногачески, посетата има за цел да се запознае со најсовремената технологија за собирање, преработка и рециклажа на отпадот.

– Тие од отпадот прават и повеќе. Произведуваат и испорачуваат обновлива енергија, добиваат топлина, електрична енергија и зелен гас од биомаса, Сонце, ветер. На тој начин работат за оддржлива Холандија, изјави Ногачески пред средбата.

Инаку, една од причините за посетата на Холандија, вели тој, е од прва рака да се запознае со оваа најсовремена технологија за третман на отпадот, како контрааргумент на технологијата што грчкиот консултант „Енвироплан“ ја има понудено како најсоодветна за третман и управување со отпадот во Југозападниот плански регион.