Секој последен четврток, градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, ќе остварува средби со жителите на Општината. Тој денеска прими десетици граѓани кои по еден месец од неговото доаѓање на функцијата, побараа да се сретнат со него. Стојкоски посочи дека е отворен за сечиј предлог, но и да чуе сечиј проблем. Неговата комуникација продолжува и преку официјалните канали на општината, како и преку социјалните мрежи.

– Нема успех, без да се чуе сечиј предлог и проблем. Со најголем дел од вас комуницираме преку социјалните мрежи. Ги читам пораките и коментарите. Затоа што јас сум тука за вас, а заедно сме тука за Ѓорче да биде подобро место за живеење. И затоа, секој последен четврток во месецот, ќе бидам во општината, за средби со вас! Ако делуваме заедно, се поддржуваме и критикуваме, ќе можеме да се коригираме и да помогнеме за Ѓорче да биде модерно, урбано, хумано. Нема совршенство, но веќе се трудиме брзо и ефикасно да постапуваме, со трајни решенија, вели Стојкоски.

Тој додава дека секоја одлука која ќе ја донесе, ќе биде според потребите на ѓорчепетровци.

– Нема поголем приоритет од жителите на оваа општина. Јас сум исто што и вие, жител на Ѓорче кој има можност да менаџира, и огромна цел, а тоа е реализација на сите проекти и повеќе од нив. Со десетици граѓани, ги имав и првите средби веќе овој четврток. Знам дека во овие четири години ќе бидат илјадници. Детектираме, планираме, реализираме. Вие, јас, мојот тим, вработените, додаде Стојкоски.