Дивоградба е џамијата која се гради во скопската населба Злокуќани и субјектите кои ја градат имаат рок од 15 дена да ја урнат, велат од Општина Карпош.

Како што објави порталот СДК, откако граѓани алармираа дека меѓу куќите во населбата се гради џамија, инспектори од Општина Карпош излегле на терен во саботата и констатирале дека за објектот кој се гради не е издадена градежна дозвола.

Одговорните лице биле повикани да дојдат на средба со градоначалникот Стевчо Јакимовски денеска во 9.30 часот.

– Никој до овој момент не одговори на поканата за средба и не дојде во Општината. Инспекторатот одреди 15 дена рок за доброволно отстранување на нелегалниот објект. Во случај да не биде доброволно отстранет објектот во предвидениот рок, случајот ќе биде пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, велат за СДК од Општина Карпош.