Крајот на епидемијата со коронавирусот се ближи, предвидуваат експерти и прогнозираат дека на почетокот на мај, во Италија, која е најпогодена земја во Европа, инфекцијата ќе престане да се шири.
Последниов месец од Италија доаѓаат само лоши вести, но според оптимистичките прогнози нема да трае уште долго така. Институтот за економија и финансии Еинауди во Рим предвидува дека ширењето на инфекцијата со коронавирусот во Италија ќе заврши до 5 мај.
Епидемиолошкото сценарио на Институтот се заснова на алгоритам кој ги зема предвид сите значајни параметри на пандемијата, вклучувајќи го и бројот на новороденчињата, хоспитализацијата, закрепнувањето на пациентите и стапката на смртност.
Научниците очекуваат акутната пандемиска фаза да заврши до средината на април. Во регионот Трентино, Јужен Тирол, се очекува вонредната состојба да се укине околу 6 април, а ден подоцна и во регионите Базиликата, Лигурија и Умбрија. Во регионот Лацио, според нивниот извештај, тоа се очекува до 16 април.
Во регионите Венето и Пиемонт, каде што беа првите случаи на епидемијата, запирањето на ширењето на коронавирусот ќе биде објавено на 14 и 15 април, во Ломбардија на 22 април, во регионот Емилија-Ромања на 28 април, додека Тоскана ќе биде последниот регион кој во мај веќе ќе нема нови заразени.
Заменик-министерот за здравство на Италија, Пјерпаоло Силери, кој е меѓу првите од Италија заразен со новиот коронавирус, вчера изјави дека пикот го очекуваат за 7 до 10 дена.
Во последните 24 часа во Италија починаа 812 лица, а нови заболени има 1.648.