Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека бил „притиснат до ѕид“ за да го одобри договорот на Европската унија за испраќање нова помош за Украина и оти на тој начин го избегнал ризикот Унгарија да ги загуби средствата од фондовите на Унијата.

Орбан за унгарското државно радио изјави дека одлуката што ја донел вчера е добра, бидејќи ако Унгарија ставела вето на новата финансиска помош на ЕУ за Украина, другите 26 членки на ЕУ би се согласиле да испратат помош, а на Будимпешта ќе и беа одземени средствата од Европските фондови.

Тој тврди дека успешно спречил пренасочување на унгарските пари од фондовите на ЕУ во Украина.

– Ние не испраќаме оружје (во Украина), ги добиваме нашите пари од Брисел и ќе придонесеме за цивилното финансирање на Украина, рече Орбан.

Орбан повтори дека би требало да почнат мировните преговори меѓу Украина и Русија, оценувајќи дека времето е на страната на Русите, како и дека Брисел треба да ги насочи сите свои напори на што поскоро постигнување примирје, по што би следеле мировни преговори.

Тој истакна дека по вчерашниот самит на ЕУ, Украина повеќе ги почитува правата на унгарското малцинство во регионот Закарпатија.

Орбан рече дека на украинските земјоделски производи не треба да им се дозволи влез на европскиот пазар под сегашните услови, тврдејќи дека „би било најдобро воопшто да не им се дозволи“.

Унгарскиот премиер истакна дека на самитот на лидерите на ЕУ имало жестока дебата за ова прашање и оти неколку од нив ја повикале Европската комисија да не дозволи увоз на украински земјоделски производи.

Лидерите на ЕУ вчера едногласно се согласија да испратат помош од 50 милијарди евра за Украина.

Орбан неколку недели претходно изјави дека Унгарија нема да одобри финансиска помош на Украина.

Откако во декември беше обезбеден пристап до одредени транши за Унгарија од фондовите на ЕУ, Европската комисија задржува околу 20 милијарди евра средства наменети за Будимпешта поради обвинувања дека Орбан ги прекршил демократските принципи за време на неговото 13-годишно владеење.

Унгарската влада ги отфрла овие наводи.

Фото: Орбан на Х