Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повика на деблокирање на сите милијарди евра средства од Европа за неговата држава, пред да размисли за укинување на ветото за дополнителна помош за Украина.
„Отсекогаш сум велел дека ако некој сака да го измени законот за буџет, а тоа го сака поради неколку причини, ова е одлична можност за Унгарија јасно да стави до знаење дека треба да го добие она што го заслужува. Не половина, а потоа четвртина туку мора да ја добие целата работа“, рече Орбан во интервју за унгарското државно радио.
Тој дека се обидел да ги убеди другите лидери на ЕУ да не го ставаат на дневен ред прашањето за пристапните преговори на Украина, но дека било невозможно да ги убеди.
Според него, нивниот одлучувачки аргумент бил дека Унгарија нема да загуби ништо, имајќи предвид дека последниот збор за членството на Украина го имаат националните парламенти, вклучително и унгарскиот.
„Подоцна можеме да го запреме овој процес, ако е потребно, ќе ја повлечеме рачната сопирачка“, рече тој.
Орбан изјави за унгарското државно радио дека морал да го блокира пакетот помош за Украина – дел од поширокиот повеќегодишен буџетски план – за да се увери дека Унгарија ги добива средствата што ги сака од буџетот на ЕУ.