Италијанската глумица Орнела Мути побара да стане руска државјанка. Таа го изјави тоа пред новинарите во Москва, каде ќе учествува во балетот “Кристален дворец”.

-Имам имот во Москва, имам и московско жителство, но немам државјанство. Природно е дека би сакала да имам руско државјанство, зошто да не?, истакна италијанскиот секс симбол.

Таа потсети на своте руски корени, дека нејзиниот дедо бил лекар на царот, а баба и била пијанистка.

-Во нашиот род имаме и пејачка. Веројатно поради нашите руски корени , семејството ни е толку уметничко, додаде Орнела Мути.

Уште во 2016 година се појави информација дека таа сака руско државјанство, а истата година актерката купила и стан во Москва.

Франческа Романа Ривели, кое е вистинското име на Орнела Мути, е Естонка по мајка. Првпат се појавила во филмот на Дамјано Дамјани “Најубавата жена” во 1969 година. Тогаш таа имала 14 години. Орнела Мути учествувала во околу 100 филмови и серии. Работела со режисери како што се Дино Ризи, Франческо Рози и други.